Blog
Реализирана мобилност на ученици и наставници од Ужице во рамките на RYCO Superschools проектот CHANGE
- March 27, 2025
- Posted by: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“
- Category: Вести
Во рамките на програмата RYCO Superschools, која промовира училишна размена во регионот WB6 за градење мир, помирување и меѓукултурно учење, во периодот од 16 до 22 март 2025 година, 16 ученици од Техничката школа во Ужице, Република Србија, под менторство на наставничките Ана Анѓиќ и Ивана Јочиќ, реализираа седумдневна посета на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид.
Учениците беа сместени во семејствата на своите врсници, што им овозможи уникатно доживување на локалниот начин на живот, обичаи и традиции. Ова непосредно искуство придонесе за подобро разбирање и прифаќање на културните различности.
Благодарение на одличната организација и големата посветеност на наставниците Јорданка Недеска Симиџиоска и Љупчо Балески, за време на посетата учесниците имаа можност да ги посетат следните културно-историски споменици во Охрид и неговата околина:
- Самоилова тврдина
- Плаошник
- Црква „Богородица Перивлепта“
- Црква „Св. Јован Канео“
- Црква „Св. Софија“
- Спомен куќата на Христо Узунов
- Античкиот театар
- Галеријата на икони
- Манастирот „Св. Наум“
Како и природните локалитети:
- Заливот на коските
- Едукативно предавање во инфо-центарот на Националниот парк Галичица
- Едукативно предавање во Хидробиолошкиот завод за мрестот на пастрмката
Во просториитее на училиштето беа реализирани и неколку работилници на теми:
- „Кој сум јас? Кој е мојот идентитет?“
- „Како се идентификувам себеси?“
- „Историјата треба да нè обединува, а не да нè разединува“ – поетско читање на тема „Крале Марко“
Во рамките на проектот беше организирана и посета на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.
Оваа размена ќе остави траен белег не само преку новите пријателства и стекнатите искуства, туку и преку финалниот производ од проектот – веб-страницата CHANGE (Cultural Historical Application Natural Generation Education). Оваа веб-страница, која е во завршна фаза, содржи информации, фотографии и линкови за сите културно-историски и природни локалитети од Охрид и Ужице и нивната околина.
#Superschools #ExchangeforChange #CrossCulturalExchanges #YouthEmpowerment #RegionalConnections #europeanunion #Regional Youth Cooperation Office – RYCO






























