Blog
Посета на наши ученици и наставници на Техничкото училиште во Ужице во рамките на RYCO Superschools проектот
- December 20, 2024
- Posted by: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“
- Category: Вести
Во рамките на програмата RYCO Superschools, која промовира училишна размена во регионот WB6 за градење мир, помирување и меѓукултурно учење, во периодот од 08.12-14.12.2024 година, 14 ученици под менторство на наставниците Јорданка Недеска Симиџиоска и Љупчо Балески од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид реализираа петдневна мобилност во Техничката школа во Ужице. Програмата имаше за цел да ги зближи учениците и наставниците преку заеднички активности, културен дијалог и искуство со локалната традиција.
Учениците беа сместени во семејствата на своите врсници од Ужице, што им овозможи уникатно доживување на локалниот начин на живот, обичаи и традиции. Ова непосредно искуство придонесе за поразвиено разбирање и прифаќање на културните различности.
За време на посетата, благодарение на одличната организација и големата посветеност од страна на двете наставнички Ана Анѓиќ и Ивана Јочиќ од Техничката школа од Ужице, сите учесници ги истражуваа културно-историските и природните убавини на Ужице и неговата околина:
Тврдината Стари Град – Симбол на Ужице, лоцирана покрај реката Ѓетиња.
Хидроцентралата која се наоѓа во подножјето на Стариот Град– Првата хидроцентрала на Балканот (втора во Европа), изградена според нацртите на Никола Тесла, каде во негова чест е подигнат и споменик.
Манастир Рујно – Манастир посветен на Свети Георгиј, познат по печатењето на првата книга во Србија, „Рујанските четири евангелија“.
Групата ја посети и познатата етно-локација:Старо село во Сирогојно – Музеј на отворено што ја претставува традиционалната архитектура и начинот на живот во Златиборскиот регион.
Гостиљски водопади – Природна атракција која го воодушеви сите со својот зимски пејзаж.
Дрвен Град – Меќавник – Креација на режисерот Емир Кустурица, кој го претставува идеалот за совршен живот преку оживување на стари куќи и културата на регионот.
Со цел зајакнување на тимскиот дух, учениците уживаа во игри и дружење на снежната Тара, создавајќи спомени кои ќе останат незаборавни.

Оваа размена ќе остави траен белег не само преку новите пријателства и стекнатите искуства, туку и преку финалниот производ од проектот – веб-страница CHANGE (Cultural Historical Application Natural Generation Education). Оваа платформа ќе содржи информации, слики и линкови за сите културно-историски и природни локалитети, а ќе биде збогатена и со податоци за Охрид. Со таа цел, реализирани беа и неколку работилници на кои учениците споделија мислења, идеи и предлози за начинот на работа и комуникација при изработка на нашиот финален производ.

По пет незаборавни денови во Ужице, се вративме дома со многу убави спомени и благодарност за гостопримливоста на семејствата. Научивме дека малите разлики што постојат меѓу нас не треба да нè разделуваат, туку да нè зближуваат и да нè поттикнат на поголема соработка и разбирање.
#Superschools #ExchangeforChange #CrossCulturalExchanges #YouthEmpowerment #RegionalConnections #europeanunion #Regional Youth Cooperation Office – RYCO






















