Blog
Панел дискусија-„Адикции кај младите“
- April 20, 2024
- Posted by: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“
- Category: Вести
На ден 19.4.2024 г. во амфитеатарот на УИНТ „Св. Апостол Павле“ се одржа панел-дискусија под наслов: „Адикции кај младите“.
Овој проект беше финансиски, целосно, поддржан од Здружението LEAD Лидери за едукација, активизам и развој.
На претходно објавениот јавен повик за сите средни училишта од државата, тимот од ЛМО при ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид во состав на: Бобан Кочески од IV-3, Марко Апостолоски од IV-3 и Софија Кецкароска од I-5, под менторство на проф. Ирена Ралева-Најдевска, успеа да ја добие оваа парична помош во висина од 11 000 денари за успешно спроведување на иницијативата.
Наши почесни панелисти, кои со задоволство ја прифатија поканата и ни дадоа поддршка беа:
1. Билјана Божиноска, проф. по граѓанско образование, вработена во нашиот Центар;
2. Бојан Кордалов, комуниколог;
3. Д-р Елена Сотироска, психијатар;
4. Билјана Стојаноска, началничка од Одделот за превенција при СВР Охрид;
5. Усеин Бајрам, инспектор од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид;
6. Дино Николиќ, фитнес-тренер и нутриционист.
На оваа панел-дискусија присуствуваа 60 младинци од нашиот Центар како и студенти од УИНТ „Апостол Павле“ од Охрид. Покрај нив, на самиот настан поддршка добивме и од Ана Крстеска, советничка во Советот на Општина Охрид, од Устијана Речкоска-Шикоска, проректорка на УИНТ „Св. Апостол Павле“, од Иво Ристески, претставник од Младинскиот центар од Охрид како и од Игор Јосифовски, претставник од Локалниот совет на млади. Исто така, изразуваме благодарност и до Фото Рекс за прекрасните фотографии кои бесплатно ни ги изработи.
Изразуваме голема благодарност до сите поддржувачи на нашата иницијатива, особено до младинците кои сакаа да се едуцираат за овие теми и се надеваме дека со нашава иницијатива за гласноговорење на табу-темите (дрога, алкохол, порнографија, коцкање и Тик-ток), барем малку ќе ја подигнеме свеста кај младите и нивните зависности со кои секојдневно се соочуваат и навистина претставуваат горлив проблем, кој долго време се провлекува.
Превенирај, не игнорирај!




