Blog
Од 02. до 05. мај ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од Охрид беше домаќин на Седмиот натпревар од областа на електротехниката, машинството и мехатрониката „Балкан Јуниор 2019“ каде зедоа учество 16 ученици од 8 средни технички училишта од балканските земји.
Свеченото отворање на натпреварот се одржа на 03. мај во просториите на ОЕМУЦ „Свети Наум Охриски“ каде свое обраќање имаше претседателката на Советот на Општина Охрид, г-ѓа Живка Ангелоска која воедно го прогласи и натпреварот за отворен.
Свое обраќање пред учениците, менторите и директорите од училиштата учесници на натпреварот имаше и директорот на Центарот професор Сашо Недески како и координаторот за Дуално стручно образование при Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, г-от Тобијас Боле.
Во рамките на свеченото отворање на натпреварот се одржа и кратка уметничка програма на која учествуваа ученици од нашиот Центар како и групата „Сарај“
Натпреварот се состоеше од теоретски дел на кој секој ученик одговараше на тест од 60 прашање од областа на Електромоторни погони, Автоматика, Дигитални системи, Техничка механика, Механички елементи и Хидраулика и пневматика.
После завршување на теоретскиот тест следуваше и практичниот дел на натпреварот во кој секој тим требаше да изработи модел на компјутерски контролирана лизгачка врата која требаше да задоволува одредена однапред зададени услови, како и да изработи цртеж на предната страна од вратата со употреба на мини ЦНЦ машина.
На 04.05.2019 година во хотел „Гарден“ се одржа свеченото затварање на Меѓународниот натпревар „Балкан јуниор – Охрид 2019“ под покровителство на Градоначалникот на општина Охрид.
Екипата на ОЕМУЦ„Св.Наум Охридски“- Охрид составена од учениците Надица Кузманоска и Александар Лазароски под менторство на професорите Владо Јанкулоски и Љупчо Балески го освои одличното третото место на Меѓународниот натпревар „Балкан јуниор – Охрид 2019“.
Првото место на натпреварот и припадна на екипата од Србија составена од учениците Марко Девиќ и Немања Дивниќ под менторство на професорите Вукоман Лековиќ и Горан Миќовиќ.
Екипата на Црна Гора составена од учениците Вељко Вукотиќ и Јован Вукосављевиќ под менторство на професорот Зоран Вујичиќ го освои второто место.
Свеченоста заврши со традиционалното примопредавање на официјалното знаме на следниот домаќин на натпреварот во 2020 година – тимот од Романија.


























