Blog
ПРВО МЕСТО НА НАЦИОНАЛНИОТ ЛАПСИ ФОРУМ 2026
- November 27, 2026
- Posted by: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“
- Category: Вести
Со особена гордост споделуваме дека ученици од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид го освоија првото место за најдобра иновативна идеја на млади на Националниот ЛАПСИ форум 2026 – „Од младински идеи до локални решенија“, одржан на 27 ноември во хотел „Александар Палас“ во Скопје.
Форумот започна со средба на младинските тимови со претставници на институциите, по што следуваа свеченото отворање и претставување на досегашните активности, резултати и искуства од проектот ЛАПСИ.
Централниот дел од настанот беше „Гласот на младите“, каде што беа претставени 27 иновативни идеи од осум општини пред општински жирија. По презентациите, во рамки на „Од идеја до реализација“, младите имаа можност директно да разговараат со претставниците на општините за можностите за понатамошен развој и реализација на своите идеи.
Нашата победничка идеја „Мој Охрид“ претставува дигитална платформа преку која граѓаните и посетителите можат да пријавуваат проблеми во јавниот простор преку фотографија и точна локација, со можност за следење на нивниот статус и нивното решавање. На овој начин, идејата создава практична врска меѓу граѓаните и локалната самоуправа и поттикнува поголема активност на заедницата.
Дополнително, од нашиот тим беше претставена и втората идеја „Еко Охрид“, паметно решение за селектирање и рециклирање отпад, која исто така беше избрана меѓу финалистичките идеи.
Особено сме горди што две идеи од нашиот тим се најдоа меѓу финалистите, а „Мој Охрид“ го освои првото место, што претставува значаен успех за нашето училиште и младите од Охрид.
Настанот, организиран во рамки на ЛАПСИ со поддршка на партнери меѓу кои ALDA и BOOST Balkans, заврши со заклучоци, следни чекори и неформална размена на идеи меѓу младите и претставниците на локалните заедници.
Од младинска идеја до локално решение – младите од Охрид покажаа дека имаат идеи, иницијатива и потенцијал да создаваат промени.








