Superschools 2024-2025: CHANGE“ (Cultural Historical Application Natural Generation Education)
CHANGE“ (Cultural Historical Application Natural Generation Education)
RYCO Superschools
Нашето училиште е едно од 90-те избрани средни училишта од Западен Балкан кои добија можност да бидат дел од програмата за размена на RYCO Superschools. Меѓу овие 90 училишта: 16 доаѓаат од Албанија, 16 од Босна и Херцеговина, 5 од Црна Гора, 8 од Косово, 15 од Македонија и 30 од Србија.
RYCO Superschools е програма за училишна размена во WB6 со цел да се поддржи процесот на градење мир и помирување и меѓукултурното учење и дијалог меѓу училиштата, учениците и нивните заедници. Програмата е дел од мултидонаторски проект, кофинансиран од Европската унија и германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) заедно со RYCO.
Проектот „ CHANGE“ (Cultural Historical Application Natural Generation Education) е еден од 45-те избрани најдобри проекти кој е во соработка меѓу нашето училиште и Средното техничко училиште од Ужице, Република Србија. Преку овој проект ќе се реализираат две интеркултурни размени во периодот од 15 ноември 2024 до 15 април 2025 година. Секое партнер училиште ќе организира една посета на партнерското училиште во траење до 7 дена со група до 14 ученици и 2 наставници. Покрај две размени, секое училиште ќе организира локална теренска активност за ширење информации за придобивките од ваквите проекти, важноста на неформалното образование, младинскиот активизам и регионалната соработка Координатори на проектот од нашето училиште се наставниците Јорданка Недеска Симиџиоска и Љупчо Балески, додека координатори од Средното Техничко Училиште од Ужице се наставниците Ана Анѓиќ и Ивана Јочиќ.
Церемонијален настан: „Запознајте ги Суперучилиштата“
На ден 20.9.2024 година во Europe house на церемонијален настан: „Запознајте ги Суперучилиштата“ во организација на Regional Youth Cooperation Office – RYCO, беа потпишани 15 договори за 15 нови или постоечки но продлабочени соработки, меѓу кои и договорот меѓу ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид и Техничка школа од Ужице.
Обуката за наставниците – координатори во Врњачка Бања, Република Србија
Во периодот од 25-28 септември 2024 година во Врњачка Бања, Република Србија се реализира и Обуката за наставниците – координатори на проектите за Супер училишта.
На овој 4-дневен настан, Г-дин Алберт Хани, генерален секретар на RYCO, со мотивирачки зборови ја истакна клучната улога на образованието во премостувањето на Западен Балкан.
Секој почитуван говорник, вклучително и советникот на ГИЗ г-ѓа Дхурата Газули, г-ѓа Марија Булат, раководител на локалната подружница на RYCO во Србија, г-ѓа Мимоза Гаврани, проект менаџер за суперучилишта, г-ѓа Теодора Столевска, раководител на програми на RYCO и г-дин Недим Крајшник , водечки тренер и експерт, ги споделија своите уникатни искуства и перспективи. Тие ја истакнаа суштинската улога на иновативните проекти во зајакнувањето на регионалните врски и унапредувањето на наставните методи.
Реализирана првата мобилсност на ученици и наставници во Ужице, Република Србија
Во рамките на програмата RYCO Superschools, која промовира училишна размена во регионот WB6 за градење мир, помирување и меѓукултурно учење, во периодот од 08.12-14.12.2024 година, 14 ученици под менторство на наставниците Јорданка Недеска Симиџиоска и Љупчо Балески од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид реализираа петдневна мобилност во Техничката школа во Ужице. Програмата имаше за цел да ги зближи учениците и наставниците преку заеднички активности, културен дијалог и искуство со локалната традиција.
Учениците беа сместени во семејствата на своите врсници од Ужице, што им овозможи уникатно доживување на локалниот начин на живот, обичаи и традиции. Ова непосредно искуство придонесе за поразвиено разбирање и прифаќање на културните различности.
За време на посетата, благодарение на одличната организација и големата посветеност од страна на двете наставнички Ана Анѓиќ и Ивана Јочиќ од Техничката школа од Ужице, сите учесници ги истражуваа културно-историските и природните убавини на Ужице и неговата околина:
Тврдината Стари Град – Симбол на Ужице, лоцирана покрај реката Ѓетиња.
Хидроцентралата која се наоѓа во подножјето на Стариот Град – Првата хидроцентрала на Балканот (втора во Европа), изградена според нацртите на Никола Тесла, каде во негова чест е подигнат и споменик.
Манастир Рујно – Манастир посветен на Свети Георгиј, познат по печатењето на првата книга во Србија, „Рујанските четири евангелија“.
Групата ја посети и познатата етно-локација:Старо село во Сирогојно – Музеј на отворено што ја претставува традиционалната архитектура и начинот на живот во Златиборскиот регион.
Гостиљски водопади – Природна атракција која го воодушеви сите со својот зимски пејзаж.
Дрвен Град – Меќавник – Креација на режисерот Емир Кустурица, кој го претставува идеалот за совршен живот преку оживување на стари куќи и културата на регионот.
Со цел зајакнување на тимскиот дух, учениците уживаа во игри и дружење на снежната Тара, создавајќи спомени кои ќе останат незаборавни.
Оваа размена ќе остави траен белег не само преку новите пријателства и стекнатите искуства, туку и преку финалниот производ од проектот – веб-страница CHANGE (Cultural Historical Application Natural Generation Education). Оваа платформа ќе содржи информации, слики и линкови за сите културно-историски и природни локалитети, а ќе биде збогатена и со податоци за Охрид. Со таа цел, реализирани беа и неколку работилници на кои учениците споделија мислења, идеи и предлози за начинот на работа и комуникација при изработка на нашиот финален производ.
По пет незаборавни денови во Ужице, се вративме дома со многу убави спомени и благодарност за гостопримливоста на семејствата. Научивме дека малите разлики што постојат меѓу нас не треба да нè разделуваат, туку да нè зближуваат и да нè поттикнат на поголема соработка и разбирање.
#Superschools #ExchangeforChange #CrossCulturalExchanges #YouthEmpowerment #RegionalConnections #europeanunion #Regional Youth Cooperation Office – RYCO
Реализирана втората мобилсност на ученици и наставници во Охрид, Република Македонија
Во рамките на програмата RYCO Superschools, која промовира училишна размена во регионот WB6 за градење мир, помирување и меѓукултурно учење, во периодот од 16 до 22 март 2025 година, 16 ученици од Техничката школа во Ужице, Република Србија, под менторство на наставничките Ана Анѓиќ и Ивана Јочиќ, реализираа седумдневна посета на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ во Охрид.
Учениците беа сместени во семејствата на своите врсници, што им овозможи уникатно доживување на локалниот начин на живот, обичаи и традиции. Ова непосредно искуство придонесе за подобро разбирање и прифаќање на културните различности.
Благодарение на одличната организација и големата посветеност на наставниците Јорданка Недеска Симиџиоска и Љупчо Балески, за време на посетата учесниците имаа можност да ги посетат следните културно-историски споменици во Охрид и неговата околина:
- Самоилова тврдина
- Плаошник
- Црква „Богородица Перивлепта“
- Црква „Св. Јован Канео“
- Црква „Св. Софија“
- Спомен куќата на Христо Узунов
- Античкиот театар
- Галеријата на икони
- Манастирот „Св. Наум“
Како и природните локалитети:
- Заливот на коските
- Едукативно предавање во инфо-центарот на Националниот парк Галичица
- Едукативно предавање во Хидробиолошкиот завод за мрестот на пастрмката
Во просториите на училиштето беа реализирани и неколку работилници на теми:
- „Кој сум јас? Кој е мојот идентитет?“
- „Како се идентификувам себеси?“
- „Историјата треба да нè обединува, а не да нè разединува“ – поетско читање на тема „Крале Марко“
Во рамките на проектот беше организирана и посета на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.
Оваа размена ќе остави траен белег не само преку новите пријателства и стекнатите искуства, туку и преку финалниот производ од проектот – веб-страницата CHANGE (Cultural Historical Application Natural Generation Education). Оваа веб-страница, која е во завршна фаза, содржи информации, фотографии и линкови за сите културно-историски и природни локалитети од Охрид и Ужице и нивната околина.
#Superschools #ExchangeforChange #CrossCulturalExchanges #YouthEmpowerment #RegionalConnections #europeanunion #Regional Youth Cooperation Office – RYCO































































