Blog
Обуки за напредни технологии во автомобилската индустрија
- May 17, 2021
- Posted by: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“
- Category: Вести

Преку проект реализиран со финансиска поддршка на Амбасадата на Швајцарија, а во соработка на германската компанија за автоделови „Костал Македонија“ и ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ во Охрид, ќе се спроведува дообука на наставен кадар, како и на ученици од дуалното средношколско образование од центарот.
Четиринаесет професори и дваесеттина ученици наредните шест месеци активно ќе бидат вклучени прво во оналјн-теоретска, а потоа и практична настава во „Костал“ каде ќе стекнуваат со знаења за високо-технолошки производствени процеси, со цел на подобар начин да можат на сегашните и идните ученици од ОЕМУЦ да им ги доловат потребните вештини и знаења потребни за стекнување статус на квалификуван кадар.
Ова е трет проект што „Костал“ го реализира во соработка со Швајцарската амбасада. Претходно беа обучени и креирани 38 работни места за квалификуван кадар во компанијата, а реализирана е и донација во опрема и обука за подобрување на знаењата и способностите, како на учениците така и на нивните ментори.
Амбасадорката Сибил Зутер Техада укажа на искуствата во Швајцарија, каде две третини од средношколците ги стекнуваат своите вештини, знаења и идни професии токму преку дуалното образование односно со квалификувана настава за одредена струка, наспроти вообичаеното гимназиско образование.
Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, истакна дека Општината ги поддржува сите иницијативи и модели на соработка на средношколските установи во градот со компаниите од регионот, што се обмислени за подобрување на наставата во техничките струки и во создавањето квалификуван кадар што во иднина ќе одговори на барањата на компаниите.
Моментално во ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ дуално образование следат 73 ученици, од кои 52 во образовниот профил „Техничар за индустриска мехатроника“ од прва до трета година, додека останатите 21 учат прва и втора година во профилот „Техничар за производно машинство“.