За нас

За нас

Развојниот пат на Општинскиот Електромашински Училиштен Центар „Св. Наум Охридски“ од Охрид започнува во учебната 1966/1967 година како резултат на стопанската ориентација на општина Охрид. Наставата во почетокот се изведувала во 4 паралелки од металска струка со 140 ученици и наставен кадар од 4 професори и 3 хонорарни инжинери.

Центарот беше формиран со цел да подготвува кадри од металската насока за потребите на металската индустрија во градот како што беа фабриката „Братство“, фабриката за автомобилски делови и алати „Херој Тоза Драговиќ“ и фабриката „Езерка“.

Иако во последните 50 години се случуваат големи промени и предизвици, сепак нашиот центар од самите почетоци до денес успешно ја извршува својата општествена мисија.

Развојот на науката, техниката и технологијата придонесува до брзо развивање на електроиндустријата во општина Охрид, така што во учебната 1973/74 година металскиот училиштен центар беше верифициран и за образование на кадри од електротехничката струка од што произлегува и променат на името на центарот во Електромашински со образовни профили од двете струки од трет и четврти степен. Во периодот од 1985 до 1988 година центарот се проширува и се здобива со нов училиштен простор и нова опрема со што дополнително сње подобруваат условите за изведување на воспитно образовната дејност.

Средното училиште „Св. Наум Охридски“ од година во година постојано расте и се развива. Во учебната 2006/2007 година се воведува сообраќајната струка со образовниот профил-техничар за патен сообраќај.

Во учебната 2009/2010 година во Електромашинскиот Училиштен Центар „Св. Наум Охридски“ се воведува и струката Лични услуги со образовниот профил-козметички техничар.

Во своето постоење Општинскиот Електромашински Училиштен Центар „Св. Наум Охридски“ е добитник на бројни награди и признанија за својот раст и развој. Во 1987 година на центарот му е доделена наградата „7-ми Ноември“, највисокото признание на град Охрид за особено значајни остварување во областа на техничката култура од посебен интерес за општина Охрид. Истата година ја добива и златната плакета од работната организација „Галеб“ во знак на признание и благодарност за големите заслуги и успешната соработка. Советот на „Средбите и деновите на просветните работници на Република Македонија“ во 1990 година го награди центарот со мини библиотека како најуспешен во Република Македонија од средното образование.

Средното училиште „Св. Наум Охридски“ во 2014,2015 и 2016 година е прогласено за Лидер во сообраќајната и електротехничката струка во Република Македонија.