Blog
ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид на БАЛКАН ЈУНИОР-Меѓународен натпревар на електротехнички/машински центри
- May 14, 2018
- Posted by: ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“
- Category: Вести
Од 10 – 13 мај 2018 гoдина во Лабин во Р. Хрватска се одржа 6 – тиот меѓународен натпревар на електротехнички/машински училишта. На натпреварот учествуваа технички училишта од: Лабин (Хрватска), Ваљево (Србија), Тешањ ( Босна и Херцеговина), Никшиќ (Црна Гора), Истанбул (Турција), Констанца (Романија), Велење (Р. Словенија) и Охрид (Р. Македонија).
Со овој проект земјите се поврзуваат во областа на електротехниката и машинството, се разменуваат искуства, се унапредува меѓукултурната соработка, се запознаваат со системот на образование и начинот на живот во другите држави.
Целта е да се подигне нивото на знаења и компетенции на учениците и професорите во средните стручни училишта.
Ова е собир на млади и креативни луѓе кои разменуваат знаења и искуство.Натпреварот е составен од два дела и тоа теоретски и практичен.
Теоретскиот дел се состои од прашања и задачи од областа на автоматиката, програмирањето, електрониката, електрични машини, електрични инсталации, физика и машинство.
Најатрактивен дел од натпреварувањето е практичниот дел. Учениците имаа задача да склопат и програмираат кола-робот наречен „Балкан КАРИЌ“, кој следи одредена патека и заобиколува препреки.
Оваа година на натпреварот учествуваа учениците Бојан Јованоски и Филип Спростран (под менторство на професорите Владо Јанкулоски, Љупчо Балески и Јулијана Петреска) и го освоија петтото место.
Следната година нашето училиште ќе ја има честа да биде организатор на овој натпревар, што е симболично претставено преку традиционалното примопредавање на знамето на „БАЛКАН ЈУНИОР“. Тоа беше предадено од страна на директорот на училиштето во Лабин, проф. Чедомир Ружиќ, на вд.директорот на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, проф. Сашо Недески.